На ден 10.06.2021 (четврток) во просториите на Македонската академија на науките и уметностите се одржа работна средба на Платформата за еколошка правда.

Присутни:

Акад. Владо Камбовски – Македонска академија на науките и уметностите

Елена Мујоска Трпевска – Македонска академија на науките и уметностите

Христина Оџаклиеска – Министерство за животна средина и просторно планирање

Ања Јованова – Фронт 21/42

Марјан Михајлов – Експерт

Марија Милкова – Центар за управување со кризи

Баже Димитриовски – Министерство за внатрешни работи

Дарко Блинков – Државен инспекторат за животна средина

Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ – Македонско здружение на млади правници

Жарко Хаџи-Зафиров – Центар за правни истражувања и анализи

Ана Василева – Центар за правни истражувања и анализи

Работната средба ја водеше претседателот на Платформата за еколошка правда академикот Владо Камбовски, фокусирајќи се на три точки: презентација на Патоказот за спроведување на политиките за животна средина и дискусија за актуелните случувања во нашата држава во однос Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка и Предлог на законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Академик Камбовски, како еден од авторите на Патоказот ги презентираше клучните наоди од истиот. Притоа истакна дека среќна околност е дека расте свеста за дејствување и правење промени кон унапредување на животната средина. Во функција на остварување на целите на Платформата за еколошка правда, Патоказот претставува груб план на насочување на работата на Платформата, а воедно претставува и дел од вкупните подготовки што треба да ги изврши РСМ пред и по почетокот на преговорите за нејзиното членство во Европската унија, во однос на хармонизацијата на правниот систем на РСМ со правото на ЕУ во приоритетните подрачја на владеење на правото и човекови права (Поглавје 23 и 24) и заштитата на животната средина (поглавје 27).

Концептот на креирање јавни политики во заштитата на животната средина, интегрира три основни компоненти: јавни политики, животна средина и еколошка правда. Кога се говори за политиката во еколошка сфера како јавна политика, академик Камбовски нагласи дека не се мисли само на гарантирањето на транспарентност и отчетност туку, и креирањето и спроведувањето на политиката во заштитата и унапредувањето на животната средина да биде од страна на сите сегменти на општеството (граѓаните, граѓанските асоцијации, правните лица и јавните институции). Еколошката правда е современ концепт кој искача од рамките на заштитата на животната средина и допира до постулатот на правдата, а како најслаб елемент на еколошката права ја истакна судската заштита на животната средина.

Свое излагање имаше и проектниот раководител во ЦПИА, Жарко Хаџи- Зафиров кој истакна дека влијанието во животната средина е долг и бавен процес и круцијално е граѓаните да го препознаат интересот во процесот на заштита на животната средина. Затоа Платформата во која членуваат луѓе од различни профили треба да овозможи аналитички пристап, односно мултидисциплинарен пристап и при креирање на законските решенија да им се помогне на државните органи во согледување на сите импликации (финансиски, кривични, прекршочни, управни, техничи…) што би ги имал тој закон во општеството.

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, изрази огромно задоволство дека и стручната фела е заинтересирана за заштитата и унапредување на животната средина. Како најголем проблем во заштитата на животната средина ги наведе некзнивоста и непоспувањето по повреди на правото на здрава животна средина. Г-ѓа Оџаклиеска ги информираше присутните дека изработени се серија закони кои регулираат проблематики од интерес за заштита на животната средина кои се во собраниска процедура и се надева дека ќе дојде до поддршка и од сите политички субјекти, особено ја истакна и потребата од заеднички напори и интердисциплинарен пристап при решавање на проблемите.

Вториот дел од состанокот беше посветен на дискусија на двата предлог закони: Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка и Предлог на законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Плодната дискусија по овие два предлог закони резултираше со заклучоци кои ќе бидат преточени во препораки кои ќе бидат доставени до Собранието со надеж дека при нивно следно разгледување овие препораки на Платформата за еколошка правда ќе бидат земени во предвид.

Сите присутни на работната средба се согласија дека на следниот нивен состанок потребно е да бидат повикани членови од Министерството за транспорт и врски како матични предлагачи на овие два закони, јавното обвинителство како и уставни судии како директно засегнати страни во овој процес.

На крај од работниот состанок членовите на Платформата беа известени дека ќе им биде доставен делот од кривичниот законик посветен на кривични дела за заштита на животната средина со цел да биде разгледан и членовите да дадат свои сугестии за навремена реакција на Платформата за еколошка правда по ова прашање.