Пред нас се наоѓа првиот нацрт на Акцискиот план за Отворено судство како дел од Националниот акциски план за Отворено Владино Партнерство на Република Северна Македонија за периодот 2021-2023 година.

Акцискиот план претставува спектар на заложби и активности кои правосудниот сектор ќе ги преземе во наредните две години со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста и отвореноста на судовите и судските институции во РСМ.

Република Северна Македонија е дел од Отвореното Владино Партнерство од 2011 година и досега успешно усвои и спроведе четири акциони планови (2012, 2014, 2016 и 2018 година). Собранието на Република Северна Македонија се приклучи на Отвореното Владино Партнерство во 2018 година во рамките на Акцискиот план 2018 - 2020 година, додека почнувајќи од годинава, во петтиот Национален акциски план (2021-2023) се наоѓа и судството со свои конкретни заложби за подобрување на транспарентноста и отвореноста на судовите и враќање на довербата на јавноста во судските институции.

Првиот Акциски план за Отворено судството беше развиен во широки дискусии и тркалезни маси помеѓу претседатели на судовите, судии и претставници на судската служба од сите судови во РСМ, претставници од Судскиот совет, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на граѓанското општество (мониторинг организации) и останати експерти во областа. Консултациите кои беа извршени во периодот јануари-март 2020 година вклучуваа и учество на Националниот координатор за ОВП, Министерството за информатичко општество и администрација како носител на оваа активност. Идеите и потребите на институциите и граѓанскиот сектор темелно дискутирани на тркалезните маси, беа трансформирани во форма на Првиот Акциски план за отворено судство.

Оттука, ги повикуваме сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Акцискиот план за Отворено судство 2021-2023 година.

Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 20.07.2021 година (понеделник) на следната e-mail адреса contact@cpia.mk

Акцискиот план е достапен ТУКА .