ЦПИА во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и Судскиот колеџ од Лондон, поддржани од Британската амбасада Скопје организираа семинар на тема „Користење на унифицирана судска пракса“.

Семинарот, кој е дел од проектот „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи а поддржан од Британската амбасада Скопје, се одржа на 7 и 8 март 2016 година во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Семинарот се одржа на два одделни настани на кои учествуваа судии одговорни за судската пракса во Македонија кои воедно ја следат и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како и преставници на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

Воведни обраќања на семинарот имаа д-р Аднан Јашари, министер за правда на Република Македонија, Н.Е. Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во Република Македонија и г-ѓа Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Директорката Арнаудовска истакна дека меѓународните документи го наметнуваат императивот судиите да ги пишуваат одлуките на јасен и разбирлив начин и тие да бидат квалитетно и правно аргументирани и образложени. Таа додаде дека последните извешти на Европската комисија укажуваат на потреба домашните судии во своите одлуки при аргументацијата да ги користат стандардите и принципите воспоставени со праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), чии одлуки, согласно неколку закони, судиите имаат обврска директно да ги применуваат  при одлучувањето.

Министерот за правда Аднан Јашари, меѓу другото, истакна дека преку унификација на судската пракса ќе се стигне до целта - судските одлуки во иднина да бидат исти кога се работи за исти, односно слични дела кои се изрекуваат во исти или пак слични околности.

Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет посочи дека владеењето на правото е многу важно за демократскиот развој на кое било општество и на нивниот просперитет и развој. Тој додаде дека во Македонија, како и во многу други земји, постои широка дебата за улогата на судството и за капацитетите на судството да ја врши својата работа во најдобар интерес на луѓето.

Излагања, предавања и презентации поврзани со темата на семинарот одржаа судиите од Судскиот колеџ од Лондон Џоана Корнер и Марк Оклтон.

Темите кои беа опфатени во рамките на семинарот се „Важноста на унифицираната судска пракса“, „Важноста на меѓународната судска пракса (ЕСЧП и ЕКЧП)“ и „Одлуките на Европскиот суд на правдата и ЕСЧП и начинот на примена на случаите на судовите во Македонија“.