Центарот за правни истражувања и анализи од ноември 2019 до јануари 2021 година го спроведуваше проектот „Поддршка на Судскиот совет во воспоставувањето на квалитетен систем за оценување на судиите“ финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија.

Проектот имаше за цел да го поддржи Судскиот совет во примената на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија преку изработка на подзаконските акти-  методологија со индикатори за сложеност на предметите и правилник за утврдување на исполнетост на квалитативните критериуми за оценување на судиите.

Во проектот беа спроведени широки консултации со судиите преку директни средби и структуирани анкети со судиите од основните судови со основна и проширена надлежност, апелационите судови, Врховниот суд на РСМ, Управниот и Вишиот управен суд. Консултативниот процес помогна да се идентификуваат различните облици на постапување во судовите кои се основа за утврдување на сложеноста на предметите и обемот на работата на судиите. Дополнително беа идентификувани индикатори за утврдување на исполнетост на критериумот квалитет на водење на судската постапка преку елаборација на оценувањето на способноста на судијата за аргументација, подготвеност на судијата за водење на расправа, квалитет на составување на записник во постапката и сослушување странки, подготвеност на судијата за донесување процесни одлуки и неговата способност за решавање на конфликти.

Правилникот за утврдување исполнетост на квалитативните критериуми за оценување на судиите изработен во согласност со членот 81  од Закон за Судски совет беше усвоен на 21.12.2020 година од страна на Судскиот совет на РСМ. На 20.05.2021 во Врховниот суд на РСМ на општата седница на судии беше донесено позитивно мислење во однос на предложената методологија со индикатори за сложеноста на предметите изработена во согласност со членот 85 став 1 од Законот за Судскиот совет.

Подзаконските акти имаат за цел да ја подобрат независноста и професионалното постапување на судиите, при што содржат стандарди за оценување и подобрување на квалитетот во работењето на судиите. Во рамки на проектот дополнително беа изработени обрасци за утврдување на исполнетост на квалитативниот критериуми за работата на судиите и упатство за пресметување на коефициенти за сложеност на судските предмети кои се наменети да го поддржат Судскиот совет во соодветна примена на подзаконските акти. Подзаконските акти беа изработени од страна на професори по право, поранешни судии и правни експерти од РСМ во координација со судии од Врховниот суд на Република Хрватска.