На ден 03 март 2021 преку онлајн платформата Зум, Центарот за правни истражувања и анализи го промовираше документот за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда?“

Документот за јавни политики беше презентиран од страна на ЦПИА и авторите на документот, тим составен од 4 локални и еден меѓународен експерт. Дискутирани беа критичните точки во институционалната и законодавната рамка за животна средина детектирани со Анализата на празнини и недостатоци – предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина,  како и соодветните препораки за надминување на овие празнини.

Програмскиот менаџер во ЦПИА, Никола Јовановски,  кој го водеше настанот истакна дека се надева дека овој документ ќе допринесе на сите клучни чинители во заштитата на животната средина да креираат политики кои ќе бидат поефикасни  и поефективни.

Правниот експерт, Жарко Алексов истакна дека појдовна основа на овој документ се заклучоците кои прозилегуваат од Анализата на празнини и недостатоци кои заеднички чинат еден систематизиран пристап кон болните точки во животната средина утврдувајќи идни чекори за подобрување на состојбите во животната средина. Алексов се фокусираше на структурата на самиот документ за јавни политики, нотирајќи дека истиот е сочинет од 3 дела:

1. Сумарни согледувања и препораки – еден вид на водилка во утврување на идните чекори разгледувани низ призмата на 5 вредносни категории: ефикасност, транспарентност, ажурност, квалитет и пристап до правда.

2. Семафор на функционална и формална усогласенот – сликовит начин на прикажување на 5те вредносни категории

3. Меѓународни практики од земјите членки на ЕУ и добри практики.


Алексов нотираше дека иако правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право (воедно и обврска на државата), отварањето на врата до еколошка правда се одвива бавно поради се поголемата индустријализација.

На крајот од своето излагање правниот експерт Жарко Алексов ги сумираше шестте препораки кои произлегиваат од Документот за јавни политики, кои понатаму беа подетално дикутирани од останатите автори: 1. Потребно е изготвување на функционална анализа на МЖСПП со сите параметри 2.Изработка на збирен стратешки документ со мерливи индикатори за мониторинг и евалуација 3. Воспоставување на интероперабилност заради размена на податоци и координација 4. Преиспитување на законски правен концепт до цел зајакнување на правната заштита 5. Преиспитување на законските надлежности на општините vs. буџетските капацитети 6. Зголемување на соработката со ГО како партнери на државата.

Александар Дединец, научен соработник во МАНУ, својот фокус го постави на две вредносни категории, ефикасност и транспарентност, преставувајќи ги сумарните согледувања со соодветните предлози. Како главен проблем на полето на ефикаснот го истакна отсуството на интер- министерската координација, соработката помеѓу централно и локално ниво како и бирокритизацијата на воспоставување на нови оделенија и управувачки структури. Предлозите за делот ефикасност, Дединец ги сумираше во неколку групи нагласувајќи дека се потребни статусни, законски промени и почитување на законските обврски за технички прегледи.

Во поглед на транспарентноста главниот проблем е тоа што до МЖСПП не се доставуваат информации и заради тоа е тешко навремено да се идентификуваат проблемите, а тоа доведува до отсуство на соодветно креирање на мерки за надминување на овие проблеми.

Професорката Гордана Лажетиќ, подетално ги дискутираше празнините и соодветните предлози за останатите три вредностни категории. За делот на квалитет професорката Лажетиќ издвои три аспекти кои го сочинуваат кои заслужуваат посебно внимание а тоа се: кадарот, техничкте аспекти и финасиски средства. Во поглед на ажурноста главната аксиома е дека правото на здрава животна средина не се остварува, но овој проблем не треба да се префрла на МЖСПП бидејќи активно учество треба да земат сите активни чинители. Предлозите се во насока на меѓусебна поврзаност на стратешките документи со целите и мерките како и поголема усогласеност на законите меѓусебе. Како најпроблематичен дел го издвои пристапот до правда кој го спореди со лавиринт (уставното право е само декларативно, лимитирани пристап со судска заштита).Проф. Лажетиќ истакна дека експертскиот тим се залага за постоење на еколошка тужба и еколошки task force.

Адвокатот Александар Гоџо, го опфати вториот дел од Документот за јавни политики односно семафорот на формална и функционална усогласеност. Семафорот го спореди со алатка која ќе му служи на општеството, бидејќи заштитата на животната средина е испит кој треба цело општество  да го положи на патот кон членството кон ЕУ.

Семафорот е направен според индикаторите за добро управување за сите области анализирани со Анализата на празнини. Адвокатот Гоџо истакна дека доминантна е жолтата боја на семафорот, односно РСМ и во поглед на функционалната и формалната усогласеност се наоѓа некаде на средина, постои тензија помоеѓу потребата и барањето за усогласеноста со меѓународните стандарди и стратешки документи и потребите на општеството и неговите можности да биде како во тие прописи без да се одрази тоа на економијата.


Меѓународниот експерт Јованка Игњатовиќ, говореше повеќе за тоа што се случува во земјите од нашето опкружување на полето на управување со животната средина, во смисла на “како ние како  луѓе го практикуваме нашето овластување над природните ресурси и природните системи“.

Икспертот Игњатовиќ, на присутните им ги презентираше општите лекции кои земјите членки на ЕУ ги научиле за време на процесот на спроведување на управувањето со животна средина, препораките за надминување на недостатоците, како и причините за слабостите во спроведувањето и на лошото управување со животната средина. Притоа беше истакнато дека биле разгледувани 5 аспекти: транспарентност, учество на јавноста, пристап до правда, обезбедување усогласеност и отчетност, ефективност и ефикасност.

За крај Јованка Игњатовик истакна дека не постојат „добри“ и „лоши“ пракси во поширока смисла, туку само можност да се научи едни од други во однос на пристапите кон координација меѓу различните административни нивоа и различните групи на засегнати страни.

Документот за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда“  е дел од проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје и може да го преземете на следниот линк.