Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Министерството за правда ја подготви Функционалната анализа на Министерството за правда на Република Северна Македонија.

Оваа функционална анализа  е прв документ од ваков тип на Министерството за правда, при што заедно со Функционалната анализа на сите 27 основни судови во државата, (чија презентација претстои) ќе претставува заокружување на процесот на длабинска  анализа на сите правосудни органи и институции во државата.

Имено, Функционалната анализа на Министерството за правда овозможува длабински преглед во секојдневните предизвици во работата на Министерството и воедно врши детектирање на сите недостатоци во однос на ефикасноста и функционалноста во работата, што ќе послужи како основа за преземање на сите понатамошни реформски процеси, структурни и организациски, при изработката на Планот за подобрување на работата на Министерството што ќе следува во наредниот период.

Истата го проучува функционирањето на Министерството низ призмата на неколку клучни индикатори: транспарентност и односи со јавност во работењето, ефикасност во постапувањето, внатрешна организација и човечки ресурси, услови за работа и информатичко-комуникациски технологии, родови перспективи, финансии на Министерството за правда, родови перспективи во организациската поставеност на МП и стратешкото планирање.

Презентацијата на Функционалната анализа на Министерството за правда беше реализирана на 27 август во просториите на Министерството, на која говорници беа министерот за правда Бојан Маричиќ, амбасадорката на Обединетото кралство во РСМ, госпоѓа Рејчел Галовеј, понатаму професорката Ана Павловска Данева и м-р Константин Битраков како главни правни експерти и автори на анализата и Горица Наџинска, проектен менаџер во ЦПИА.

Горица Наџинска на почетокот од настанот истакна големо задоволство и чест за спроведување на анализата, притоа нагласувајќи дека со ова се заокружува еден значаен процес на длабинска и сеопфатна анализа на правосудните институции во државата кој ќе придонесе кон зголемување на кредибилитетот на институциите и унапредување на правосудниот сектор, базиран на меѓународни европски стандарди за владеење на правото.

Министерот за правда Бојан Маричиќ наведе дека анализата е темел на сите идни реформски процеси на правосудниот сектор, а воедно и резултат на успешна и долга соработка со Британската амбасада во Скопје и ЦПИА. Тој исто така наведе дека заклучоците наведени во анализата, а потоа опфатени и во Планот за подобрување ќе бидат пресликани во Правилникот за внатрешна систематизација на Министерството за правда.

Амбасадорката на Обединетото кралство во Скопје г-ѓа Рејчел Галовеј истакна големо задоволство за подготовката на еден ваков документ, наведувајќи дека оваа анализа, како и Планот за подобрување на работата на Министерството ќе придонесе кон успешниот процес на реформи во рамките на Министерството и ќе биде почеток на еден успешен пат кон унапредување на целокупниот правосуден сектор во државата.

Професорката Ана Павловска Данева говореше подетално за процесот на подготовката на анализата, односно спроведувањето на писмен прашалник за службениците вработени во рамки на Министерството, како и спроведување на непосредни интервјуа со претставници на органите на државната управа, што во голем дел говори за непосредната вклученост на најрелевантните чинители во работата на Министерството за правда, како категорија која е директно инволвирана во неговото функционирање.

М-р Константин Битраков, подетално ги опфати индикаторите низ чија призма детално се опфатени различни аспекти во функционирањето на Министерството, наведувајќи дека особено индикаторот транспарентност и односи со јавност како прв, укажува на големата ажурност и ефикасност на министерството во случај на давање на информации или постапување по барање на граѓаните, односно според истакнатите податоци Министерството  е еден од најтранспарентните јавни органи во државата.

Професорката Ана Павловска- Данева и м-р Константин Битраков истакнаа взаемна согласност дека реформскиот процес на Министерството за правда треба да се одвива согласно традиционалните карактеристики на развојот на уставниот систем на државата, паралелно со следење на меѓународните европски стандарди за владеење на правото. Промени од структурен и организациски аспект во Министерството се неминовни, од аспект на постепено растеретување во делот на надлежностите и посоодветна координација помеѓу МИОА и МП, што пак ќе придонесе кон поефикасно и поажурно функционирање.

На самиот крај од настанот, сите присутни истакнаа особена благодарност за вклученоста во процесот на подготовката и желба за понатамошно следење на реформскиот процес на Министерството во насока на унапредување на основните начела во остварување на човековите слободи и права.

Анализата (достапна на следниот линк) е изработена во рамки на проектот ,,Воспоставување аналитички и мониторинг алатки за следење на реформите во правосудниот сектор на Република Северна Македонија’’, поддржан од Британската амбасада Скопје, а имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи.